Македонскиот вицепрвак Вардар, кој сезонава игра одлично на домашна и меѓународна сцена, веќе го крои ростерот за наредната сезона во која ќе влезе со уште поголеми амбиции. Уште отсега се контактираат потенцијалните играчи со кои клубот сака да соработува, со цел навреме да се затворат сите позиции за кои управата смета дека е потребно да се засилат.
На мета на „црвено-црните“ е српскиот репрезентативец Вукашин Воркапиќ, во моментов член на тимот на Војводина од Нови Сад. Станува збор за искусен играч кој има 28 години. Тој игра на позицијата десно крило.
Воркапиќ потекнува од Металопластика, каде што играше до 2021 година, потоа мина две сезони во францускиот Иври, а во 2023 година се врати во татковината и ја одработува третата сезона во Војводина.
На десната крилна позиција оваа сезона во Вардар играат португалскиот репрезентативец Мигел Пинто, како и домашните ракометари Гоце Георгиевски и Ален Ќосевски. На Португалецот му завршува договорот исто како и на Гоце Георгиевски..
Од лето во Вардар доаѓа и бразилскиот репрезентативец Жоао Педро Да Силва, кој исто така игра во Војводина, а со македонскиот клуб се поврзуваа Никита Вајлупов, Клемен Ферлин, но засега нема никакви сериозни контакти.
























