Тимот на Металург Автокоманда славеше на гостувањето кај Куманово со убедливи 39-22 во натпревар од 10 коло во Супер женската лига.
Избраничките на Јулијана Дамчевска со овој триумф ја продолжија серијата без пораз и по десет меча, па со 19 бодови се на врвот на табелата пред Ѓорче Петров со 17 и Чаир со 16 бодови.
Домаќинките во Куманово одржуваа рамнотежа петнаесетина минути, 11-10, а потоа се беше во знакот на Металург Автокоманда.
На паузата беше 19-11, а второто полувреме беше само рутински одиграно и уште повеќе гостинките ја зголемија разликата во нивна корист.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Сара Миновска со седум, како и Марија Јанкуловска и Петра Јершек со по шест гола, додека кај Куманово се истакнаа Маријана Азеведо со седум и Росана Павловска со пет погодоци.
























