Прилеп поведе трипати, ги налути битолчани, па Еурофарм Пелистер им ја наполни мрежата

Прилеп „цели“ осум минути се држеше на дуелот со шампионот Еурофарм Пелистер, па „тутунарите“ трипати и имаа водство на почетокот од средбата. Потоа го „налутија“ гостинот и до крајот на првото полувреме ја наполнија мрежата на Иван Ангелески кој не успеа да фати нуту една топка. Мечот заврши со висок триумф на гостите 40-25.

Еурофарм Пелистер ја продолжи серијата на победи, петта по ред со која „држи чекор“ со водечките тимови од Скопје, Вардар и тимот од Автокоманда. Домашните со четвртиот пораз по ред се “заковани“ во долниот дел кој сигурно ги води во разигрување за опстанок.

Иако само со еден „искусен“ голман, Хеидарирад, гостите од Битола беа супериорни. Ги немаа во составот Хакбард, Хаџиќ, Хенигман, Митревски, Брестовац. Поголема минутажа добија Мирче Кајлџиоски и Самоил Ристевски кој се врати во тимот, а последните 20 минути и голманот Мацанковски.

Од последното водство 6-5 на Прилеп следуваше серија од 5-1 за Еурофарм Пелистер, па тренерот Наум Танески бараше тајмаут, при резултат 10-7 за гостите. Но, тоа не смени многу зашто пелистерци за девет минути решеија се. Имаа одлична серија од 7-3 и во 22 минута веќе водеа со 17-10. До крајот лесно можеа да имаат и двоцифрена предност, но и деветката е знак на нивната надмоќ.

Само што почна вториот дел Еурофарм Пелистер „ја раситни десетката“, а потоа за три минути прилепчани намалија на 17-23 покажувајќи дека нема да дозволат да бидат поразени со висока гол разлика. На терен кај гостите беше сосема поинаква постава од првиот дел, па тренерот Гарабаја им даде шанса и на оние кои почесто влегуваат само повремено.

И за неколку минути повторно беше „плус 10“ за Еурофарм Пелистер кој водеше со 28-18 во 43 минута. Кога гостите преку Мирче Кајлаџиоски поведоа со 29-18 за домашниот тренер Танески немаше друга опција тука да бара минута одмор и да смени нешто. Но, разликата се зголеми на 30-18.

И не застанаа гостите бидејќи разликата ја зголемија на „плус 15“ во самата завршница. На крај Припел намали два гола, но во последната минута битолчани се вратија на максималните 15 гола, и победа од 40-25.

Кај гостите Петар Атанасијевиќ даде 7 гола, а еден помалку Мирче Кајлаџиоски. Во тимот на Прилеп, Ангел Крстески даде 7 гола.

Во следното коло Еурофарм Пелистер е домаќин на Куманово, а Прилеп гостува во Радовиш.