Лудо финале на пионерското СП – Германија е прв шампион по 80 минути ракометна магија!

Ракометарите на Германија се првите шампиони во историјата на СП за пионери, откако во драматично финале во Касабланка го совладаа Египет со 44-43 по продолженија (18-17, 37-37, 41-40).

Финалето меѓу Германија и Египет беше вистински ракометен трилер — неизвесно до последната секунда и решено со најситни детали. Двете селекции имаа по четири победи во низа, но Германците пред натпреварот беа подобри во сите статистички категории и се сметаа за благ фаворит.

Сепак, Египет покажа огромна храброст и борбеност. Првото полувреме мина во рамноправна борба, а Германија водеше минимално (18-17) благодарение на погодокот на Калe Гаугиш во последните секунди.

Во вториот дел Египќаните ја презедоа иницијативата и поведоа со четири гола разлика (25-21), но младите Германци одговорија со иста серија и го израмнија резултатот (27-27). До крајот се играше гол за гол, а Гаугиш повторно беше херојот — со погодок на самиот крај ја одведе Германија во продолженија (37-37).

Во екстра-времето Лео Новак блесна со неверојатни 15 голови и беше клучниот човек за германската победа, додека Јулиус Петке и Кале Гаугиш дадоа огромен придонес со вкупно 22 погодоци. На спротивната страна, Јусуф Ахмед беше најдобар стрелец на Египет со 12 гола.

Конечниот резултат 44-43 по продолженија ја круниса Германија како прв шампион на новоформираното Светско првенство за ракометари до 17 години, а ова е и втор златен успех за германскиот младински ракомет во само неколку месеци, по триумфот на СП за кадети во Египет.

Бронзата ја освои Шпанија, по убедливиот триумф над Катар со 35-23.