Џинес ги реши соседите – Текстилец ја доби драмата со Овче Поле

Екипата на Текстилец со голот на Филип Џинес на пет секунди пред крајот славеше против Овче Поле со 33-32 во натпревар од 7. коло кај прволигашите.

На соседскиот двобој главно се играше гол за гол, двете екипи наизменично се менуваа во водство, а јасно беше дека исходот ќе се решава во последната минута, откако и на паузата беше 17-17.

Во последната минута гостите преку Димчевски израмнија на 32-32, но Филип Џинес со погодок на пет секунди пред крајот му донесе победа на домаќинот.

Најефикасен во победничкиот состав беше Јован Атанасовски со девет погодоци, Филип Џинес запиша осум, а седум додаде Јован Величков.

На спротивната страна, десет погодоци на Иван Димчевски не беа доволни за барем бод на гостинскиот тим.

Текстилец сега има четири победи и осум бода, додека тимот од Свети Николе останува на три победи.