По девет одиграни кола, ракометната Супер лига ќе има пауза поради ЕХФ неделата и собирот на репрезентацијата, по што ќе продолжат натпреварите. Во овој дел од сезоната веќе станува јасно кои екипи имаат големи шанси да се борат за титулата, односно да пренесат повеќе бодови во плеј-офот, и кои екипи најверојатно ќе разигруваат за опстанок. Голема ќе биде борбата за местата што водат за разигрување за титулата.
Она што е интересно, е кои екипи досега покажаа добра ефикасност, добра одбрана и колкав е просекот на дадени и примени голови на најдобрите тимови. Сезонава секој меч е важен, зашто во разигрувањето за титула и за опстанок се пренесуваат сите освоени бодови. Ако во регуларниот дел екипата има освоено 35 бода, со толку ќе стартува и во разигрувањето. Нема повеќе „почеток од нула“ и со меѓусебна разлика од 1-2 бода на оние што разгруваат. Така секој меч е важен, секој бод неопходен.
Само една екипа има максимален учинок, 9 победи од 9 натпревари. Тоа е Вардар. Заедно со „сините од Автокоманда“ тоа се двата тима кои засега немаат претрпено пораз. Разликата е што тимот предводен од Кирил Лазаров загуби по еден бод на домашен терен во директен дуел со Охрид и Еурофарм Пелистер. Битолчани имаат еден загубен меч, а охриѓани два.
Еве ја анализата на најдобрите екипи.
Најдолга победничка серија
* Вардар – 9 победи по ред
* Сините од Автокоманда – 6 победи
* Еурофарм Пелистер – 4 победи
Најдобра одбрана (најмалку примени голови)
* Охрид – 199 примени голови
Најцврст дефанзивен тим во лигата, со просек од само 22,1 примени голови по меч.
* Сините од Автокоманда – 214 примени голови
Просек на примени голови – 23,7 по натпревар.
* Вардар – 232 примени голови
И покрај фокусот на нападот, „црвено-црните“ ја задржуваат дефанзивната дисциплина. Просек на примени голови – 25,7 по натпревар
Најмногу примени голови (најслаба одбрана)
* Прилеп – 303 примени голови
Просечно по наторевар – 33,6. Најмногу во лигата. Слаба дефанзива која често дозволува преку 30 гола.
* Радовиш – 302 примени голови
Просек по натпревар – 33,5 гола. Тимот има сериозни проблеми во одбраната, што ја објаснува и нултата бодовна залиха.
* Струга – 300 примени голови
Просечно 33,3 гола по натпревар.
Најдобра гол-разлика
* Тимот од Автокоманда +82 (296:214)
* Еурофарм Пелистер +77 (315:238)
* Вардар +74 (306:232)
Тим без победа
* Радовиш (0 победи, 0 бода)
Единствениот клуб кој по 9 кола нема освоено ниту еден бод. Со гол-разлика 224:302 (-78), тимот се соочува со тешка сезона. Лани обезбеди директен опстанок, а годинава е на работ да се бори да не биде во зоната за директно испаѓање.


























