Крај на една ера – Зорман го менува Душебаев на клупата на Келце?

По повеќе од десет години на клупата на Келце, легендарниот тренер Талант Душебаев би можел да се најде пред нова етапа во кариерата. Полскиот гигант би можел да остане без својот долгогодишен стратег по завршувањето на сезоната, бидејќи интерес за него покажува германскиот Кил, еден од најтрофејните клубови во Бундес лигата.

57-годишниот Душебаев има договор со Келце до крајот на оваа сезона, а според полските и словенечките медиуми, двете страни сè уште не постигнале договор за продолжување на соработката. Тоа отвора можност за трансфер во Кил, кој е подготвен да му понуди амбициозен проект и силен тим за борба за европски трофеи.

Во меѓувреме, медиумите од Словенија веќе шпекулираат со името на можниот наследник на Душебаев – Урош Зорман, 45-годишниот тренер на Слован Љубљана. Зорман е добро познат лик во Келце, каде што играше од 2011 до 2018 година и подоцна беше асистент на Душебаев две сезони.

Талант Душебаев седна на клупата на Келце во 2014 година, а оттогаш испиша историја со клубот и освои осум шампионски титули и шест трофеи во Купот на Полска, како и највредното остварување – титула во Лигата на шампионите во 2015/16.