Како никогаш досега во времето на претходните раководства на Ракометната федерација на Македонија, дури седум репрезентативни селекции (ќе) имаа(т) собир во ЕХФ неделите. Новото раководство на македонската куќа на ракометот покажа дека младинските категории ќе бидат во фокусот и ќе се обрнува посебно внимание на развојот на ракометар(к)ите што треба да бидат иднината на Македонија.
Во женската ЕХФ недела активни беа сите генерации на ракометарки.
Сениорките беа на собир и играа две средби од квалификациите за ЕП 2026 против Словенија и Германија под водство на селекторот Кристијан Грчевски. Младинките на Симе Симовски и кадетките на Даниела Новеска тренираа изминатата недела и играа контролни натпревари меѓусебе.
Пионерките, пак, имаа селективни тренинзи и селекторот Славиша Димитријески од 71 скрати список на 45, а од нив ќе ги одбере ракометарките што ќе бидат дел од новата национална репрезентација.
Во претстојната ЕХФ недела кај мажите од 28 октомври до 2 ноември ќе бидат активни уште три репрезентативни селекции.
Сениорите на Кирил Лазаров го „скокаат“ првиот бараж за СП 2027 и ќе одиграат две пријателски средби со селекцијата на Јапонија на 30 октомври и 1 ноември.
Младинците предводени од Наум Танески ги очекуваат две пресметки со Словачка на домашен терен на 31 октомври и 1 ноември, додека кадетите имаа собир два пати – беа дел од „Трофеј Карпати“ и играа против Романија, Полска и Србија, а во ЕХФ недела ќе играат квалификации за ЕП 2026 против селекциите на Луксембург, Финска и Грција.