Виран Морос се враќа од пензија – пак ќе игра ракомет на 41 година!

Легендарниот шпански ракометар Виран Морос реши по една година повторно да ги облече патиките и дресот. Поранешниот дефанзивец на Барселона, ПСЖ и Сиудад Реал ќе се приклучи на Лос Анџелес Хендбол Клуб, амбициозен проект кој има за цел да го развие ракометот во САД во пресрет на Олимписките игри Лос Анџелес 2028.

Морос, кој ја заврши својата професионална кариера во август 2024 година во Швајцарија, на 41 година се реши на нов предизвик – двојна улога како играч и тренер во американскиот клуб. Со тоа, тој станува дел од проект поддржан од Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) и Американската ракометна федерација, насочен кон промоција и развој на овој спорт на нов континент.

„Сакам да го пренесам она што ракометот ми го даде мене,“ изјави Морос во соопштение на клубот. „Проектот во Лос Анџелес го гледам како иднина – нова култура, нова енергија и единствена можност да го развиеме нашиот спорт овде.“

Морос, кој во својата кариера освои три титули во Лигата на шампионите, едно светско злато и две европски титули со репрезентацијата на Шпанија, ќе има задача да го предводи новиот американски проект како капитен на теренот, но и ментор и асистент-тренер на младите американски таленти.

Неговиот ангажман носи силна симболика за амбициозниот калифорниски клуб, кој се стреми да стане „лице на американскиот ракомет“. Искусниот Шпанец ќе помогне не само во натпреварувачкиот дел, туку и во изградбата на идната генерација играчи кои ќе ја претставуваат САД на Олимписките игри во 2028 година.