Во минатите три дена се комплетираше 4 коло во кадетската машка лига кое мина во знакот на Македонија Ѓорче Петров, која триумфираше над гости кај „сино-белите“ во Автокоманда со 40-39.
Клучна улога имаа Кристијан Мирков со 12 и Никола Кузевски со 11 погодоци, а поддршка им дадоа Павел Нанчовски со шест и Лука Зафировски со четири гола „Ѓорчепетровци“ победата ја обезбедија во последната минута – при резултат 38:38, Јаков Атанасовски донесе водство, а по промашувањето на домаќините, Кузевски го потврди триумфот. Кај домашниот тим, Мартин Гарбески и Михаил Арсиќ постигнаа по десет погодоци.
Младост Богданци ја запиша својата втора сезонска победа, совладувајќи го Радовиш на гостински терен со 30-21. Најефикасен кај победниците беше Никола Тасев со десет погодоци, а Методи Младеновски додаде уште осум. Кај домаќините се истакна Александар Георгиев со 6 погодоци.
Вардар со пресврт го скрши отпорот на Илинден Вардар и се помачи да дојде до победа, а предводник беше Тео Радуловиќ со седум гола. Во домашниот тим, осум погодоци имаше Петре Петровски.
„Витамините“ од Автокоманда го победија Еурофарм Пелистер со 35-32. За битолчани премалку беа 14 гола од Андреј Дамчевски, а за триумфот на домашните се погрижија кадетскиот репрезентативец Петрески со седум и Кленковски со пет погодоци.
Тео Спировски и Андреј Георгиев комбинираа 16 погодоци во убедливата победа на Еурофарм Пелистер над Охрид за кој Тане Јанчески даде осум гола, додека Пролет со фуриозно второ полувреме ја надигра Струга. Домаќинот беше предводен од Марко Ѓорчески со десет гола, додека кај стружани по шест реализации имаа Валентин Ѓорговски и Војо Кљеноски.
Прилеп во драматична завршница беше подобар од Преспа со 26-25, oткако домашните промашија пенал за реми. Девет гола имаше Дамјан Јованоски за победникот, а кај Преспа се истакна Благоја Јончевски со осум погодоци.
Овче Поле го контролираше резултатот во текот на целиот меч против Текстилец и не дозволи противникот ниту еднаш да израмни или поведе. Најефикасен беше Стефан Паневски со десет погодоци, Давид Ристов постигна пет, а кај гостите, Христијан Харизанов блескаше со 11 реализации.
Кадети, 4 коло, резултати:
група А
Радовиш – Младост Богданци 21-30
Илинден Вардар – Вардар 25-28
Овче Поле – Текстилец 28-25
Мулти Есенс – Еурофарм Пелистер 2 35-32
група Б
Алкалоид – Македонија Ѓорче Петров 39-40
Еурофарм Пелистер – Охрид 36-26
Пролет – Струга 42-27
Преспа – Прилеп 25-26