Mитровиќ: Победата над Ѓорче ќе ни даде уште поголема самодоверба пред Ајдовшчина

Ракометарките на Чаир ги очекува реванш средбата од ЕХФ Европскиот Куп против составот на Млинотест Ајдовшчина, кој славеше на првата пресметка со 27-24.

Овој дуел за Чаир доаѓа во одличен момент, откако вчера беше совладан шампионот Ѓорче Петров, па избраничките на Басри Љатифи, ќе влезат со уште поголема самодоверба во саботниот дуел.

„Победата над Ѓорче Петров ни значи многу од психолошка гледна точка. Сметам дека после еден ваков натпревар, мотивацијата и самодовербата за секој следен е уште поголема“, вели Митровиќ.

Таа и нејзините колешки од тимот, како и стручниот штаб, сега знаат со каков ривал си имаат работа, откако веќе одиграа еден меч.

„Словенечкиот состав има силна бековска линија, нивните бекови играа одлично на првиот натпревар, но верувам дека ако играме одбрана на нивото на кое сме подготвени, нема да имаме проблеми. Секогаш е многу полесно кога се игра на домашен терен пред сопствената публика. Чаир отсекогаш имал добри навивачи кои се дел од нашиот успех, не се сомневам дека салата ќе биде полна и тие ќе бидат нашиот осми играч“, заврши Митровиќ.

Натпреварот меѓу Чаир и Ајдовшчина се игра в сабота во малата сала на СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 19:00 часот.