Тимот на Стружанка во продолжението на сезоната ќе може да смета на една од најталентираните млади ракометарки, кој доаѓа од Младост Ресен – левиот бек Еџе Сејадин.
Сејадин, една од најзабележителните ракометарки во кадетската конкуренција минатата сезона, за првпат ќе настапува на сениорско ниво.
Минатата сезона таа постигна 101 погодок и беше меѓу најдобрите стрелци кај кадетките. Покрај сениорскиот, Сејадин ќе настапува и за кадетскиот тим на Стружанка, што ќе и овозможи да стекне искуство на два фронта и дополнително да го изгради својот талент.
Во исто време, клубот ја засилува и голманската позиција со Сара Илиоска (генерација 2009), која исто така доаѓа од Младост Ресен. Се работи за перспективна голманка која во Струга ќе има шанса да се докаже во Првата лига и да го потврди својот потенцијал.
Со доаѓањето на Сејадин и Илиоска, Стружанка добива нова енергија и свежина, а двете ракометарки ќе имаат одлична можност за понатамошен развој и афирмација.