Победничката низа на Бутел Скопје продолжи и во Куманово

Ракометарите на Бутел Скопје продолжуваат со одличните настапи во новата сезона од Супер лигата. Во 4. коло, тимот на Горан Кузманоски славеше на гостувањето кај Куманово со резултат 27-24, во интересен натпревар кој беше решен во второто полувреме.

Првото полувреме мина во знакот на Давид Димевски, кој постигна пет гола и го држеше Куманово во игра, иако Бутел предводен од голманот Стојаноски  во неколку наврати имаше предност од три гола. На паузата гостите заминаа со минимални 15-14.

Вториот дел навестуваше драма, Куманово со налет направи комплетен пресврт и успеа да поведе со 18-16. Кузманоски реагираше со тајм-аут, па тимот на Бутел Скопје набрзина дојде во егал, а потоа и ја презема одново контролата на теренот.

Во последните десетина минути се влезе со 24-23 за бутелци, но Трајкоски одбрани два шута и неговиот тим само рутински ја доврши започнатата работа. Најефикасен во победничкиот тим беше Николов со седум гола, а по четири гола дадоа браќата Тодор и Димитар Узунчеви, како и Дејан Михајловиќ, додека голманите Стојаноски и Трајкоски комбинираа 15 одбрани. Кај Куманово, Давид Димевски имаше осум гола, Александар Стојков додаде уште пет.

Во следното коло Бутел Скопје ќе го пречека Еурофарм Пелистер 2, а Куманово ќе гостува кај Пролет.