Ракометарите на Охрид со голема мака стигнаа до победа над младата екипа на Еурофарм Пелистер 2 со 25-22 во рамки на 4. коло од македонската Супер лига, откако на паузата имаа минимална позитива, 12-11. Во финишот домашните беа на минус еден, но пресуди искуството на гостите и голманските одбрани.
Младите битолчани влегоа во натпреварот во грч и со многу технички грешки, што искусниот состав на Охрид знаеше како да го казни. Веќе по пет минути резултатот беше 4-1, а гостите највисоко водеа со 7-3.
Сепак момците на Александар Зарков се стабилизираа, Французинот Баптист Одифред блесна во нападот, а одбраната функционираше одлично, па разликата на полувреме беше само еден гол, 12-11.
Вториот дел донесе нова драма. Одифред се повреди, но одговорноста ја презеде Мохамед Азиз, кој со серија погодоци го држеше Еурофарм Пелистер 2 во игра и врати надеж кога беше 20-19 на десет минути до крајот.
Но во завршницата пресуди искуството на охриѓани, кои го избегнаа изненадувањето и запишаа победа со 25-22. Блажески бранеше во серија два шута на Азиз, Ојлески казни од пенал, а Стрмљан со голот стави точка на мечот за два бода за Охрид.
Предводници на нападот на Охрид беа Ѓукиќ со девет и Ојлески со седум гола, а голманите Чаневски со 12 и Блажески со четири интервенции имаа значајна улога во триумфот.
Кај Еурофарм Пелистер 2 се истакнаа Азиз со девет и Одифред со шест погодоци, а голманот Јовановски запиша девет одбрани. Во следното коло Охрид го пречекува Тиквеш, додека Еурофарм Пелистер 2 гостува кај Бутел Скопје.