Ракометарките на Чаир загубија од Млинотест Ајдовшчина со 27-24 во првиот дуел од второто коло во ЕХФ Европскиот Куп, но имаат активен резултат пред реваншот во Скопје што ќе го даде патникот во третото коло.
Чаирчанки имаа негатива од шест гола во текот на натпреварот и на паузата, 17-11, но собраа сили во второто полувреме, намалија на минус два во финишот и да не беше примениот гол во последната секунда, ќе имаа уште подобар резултат.
Во првиот дел и судиите престрого во краток период ги исклучија Мифтари и Фереира, и тоа по два пати, па беше скратена ротацијата на тренерот Љатифи во продолжение од натпреварот.
Чаир имаше и три промашени пенали од седум обиди, промашени неколку зицери, па и тој сегмент ќе мора да се работи за реваншот следната сабота во СЦ „Јане Сандански“ од 19:00 часот.
Одличен настап имаше голманката Катарина Митровиќ со десет одбрани или 30% успешност, а во нападот прв стрелец на Чаир беше Билјана Дамчевска со осум гола, додека пет гола постигна Марија Николовска.
Во составот на Ајдовшчина голманките Карин Куралт и Зала Вук исто така беа одлични со 16 интервенции, додека нападот на словенечкиот тим го предводеше Ивона Барукчиќ со седум погодоци.