„Сино-белиот“ тим од Автокоманда ја запиша втората победа во Супер лигата по европската елиминација, откако славеше на гостувањето кај Радовиш со 35-23. Победата на гостите во ниту еден момент не беше доведена во прашање, иако и домашните во одреден дел од мечот имаа свои моменти.
Предводени од Ѓорговски, кој после долго време доби шанса од Лазаров, гостинските ракометари си го „фатија“ редот и уште од стартот почнаа да градат предност, па по десетина минути беше 6-3.
Имаа и плус седум, 16-9, но радовишани преку Трајчевски и Костадинов, а помогнати од голманот Паунов, успеаја да намалат на минус четири. Сепак на пауза „сино-белите“ заминаа со плус пет, 18-13.
Радовишани не се предаваа, на стартот на второто полувреме се играше гол за гол, но Лазаров не беше задоволен од играта на своите избраници, па повика тајм-аут. По минутата одмор тие заиграа посериозно и до крајот само рутински одработија.
Капитенот Постолов имаше осум гола за Радовиш, додека во тимот на Лазаров, шест гола даде Тордарсон, а по пет пати погодија Ѓорговски и Стојковиќ. Во следното коло Радовиш ќе и гостува на Струга, додека „сино-белите“ во Автокоманда ќе го пречекаат Прилеп.