Куманово со минус седум се враќа од Литванија

Ракометарките на Куманово загубија кај литванскиот шампион Каскада Гарлијава со 32-25 во првиот натпревар од второто коло од ЕХФ Европскиот Куп.

Избраничките на Славиша Димитријески одржуваа рамнотежа во првите десетина минути, беше 3-3, а потоа домашните почнуваа да се одлепуваат и отидоа на плус пет, 11-6. Сепак до паузата кумановки успеаја да ја намалат негативата на минус еден, 15-14, а голманката Грујовска фати пенал во финишот на првиот дел.

Наместо во вториот дел да продолжат во ист стил, следуваше одново пад во играта и Каскада ја презема контролата. Имаше литванскиот првак плус пет, напад за шест гола предност, но не беше искористен. Во последните петнаесетина минути се влезе со 25-20 за Каскада.

Куманово собра сила да намали на минус два 25-23, по одбранетиот пенал на Горковска имаше шанса и за минус еден, но не беше искористен и казната стигна. На сцена стапија судиите од Луксембург, кои досудија престрого две исклучувања во една минута за нашиот тим и Каскада имаше 28-23 кога остануваа уште пет минути.

Голманката на домаќинките, Леикуте, одбрани три удари во финишот на мечот на Куманово, имаше пенал за Каскада, потоа и примен погодок на празен гол за 32-25. Реваншот по кој ќе биде познат патникот во третото коло е на програмата на 4 октомври од 19:00 часот во градската сала во Куманово