Европскиот пат на Чаир и Куманово почнува од Словенија и Литванија

Македонските претставници во ЕХФ Европскиот Куп, Чаир и Куманово, денеска ќе ги имаат првите предизвици на меѓународна сцена.

Чаирчанки му гостуваат на словенечкиот Млинотест Ајдовшчина, незгоден состав кој минатата сезона беше вицепрвак, но значително ослабен влезе во новата сезона.

Составот на Басри Љатифи е добро вкомпониран, а за разлика од претходно сега има и поголема ротација, па сигурно ќе има што да каже во овој двобој.

Куманово ќе игра на гостински терен кај литванскиот првак Каскада, кој има само млади домашни ракометарки во ростерот предводени од хрватскиот стратег Штокиќ.

Славиша Димитријески исто така располага со млад состав, кој остана без носителите на играта од минатата сезона, но и покрај тоа влегува со амбиции за трета рунда.

Средбата меѓу Каскада Гарлијава и Куманово се игра во 16:00 по македонско време (17:00 по локално), додека двобојот меѓу Ајдовшчина и Чаир ќе почне од 19:00 часот.