Струга се закани 18 минути – потоа Еурофарм Пелистер ги „прегази“ среде Битола

Аутсјадерот Струга го натера актуелниот шампион Еурофарм Пелистер да се помачи за да победи, иако убедливо 45-24 (20-16), но сепак гостите покажаа заби, а домашните мораа да го испотат дресовите.

Изненадување беа првите 18 минути од мечот меѓу Еурофарм Пелистер и Струга во Битола, бидејќи гостите се држеа и имаа негатива од 10-11, по што мораше домашниот тренер Рубен Гарабаја да бара и тајмаут. Потоа се „вклучи“ битолската машина па брзо направија водство што им донесе предност од 20-16 на полувреме.

Нема потоа сили гостите да се спротистават. За 18 минути во второто полувреме Струга даде само три гола, а домашните дури 15, и водството за “зелените“ беше 35-19. Се беше решено, и до крај остана само рутински да се одигра преостанатото време.
Струга постигна само 8 гола во второто полувреме, а Еурофарм Пелистер дури 25.

Битолчани имаат три победи и реми од четири натпревари, а Струга останува последна на табелата без освоен бод.


Рудолф Хакбарт и Петар Атанасијевиќ со по 8 гола беа најпрецизни кај Еурофарм Пелистер, а по седум гола дадоа Мирче Калајџиовски и Павле Атанасијевиќ. Во тимот на Струга, Наум Костов даде 7 гола, а по 6 дадоа Филип Мечкароски и Стефан Атанасовски.

Еурофарм Пелистер имаат ден повеќе од Вардар пред големото дерби на 1 октомври во Скопје. „Црвено-црните“ утре играат со Тиквеш.