Тимот на Чаир денеска замина за Словенија, каде утре ќе го одигра првиот натпревар од второто коло во ЕХФ Европскиот Куп против Ајдовшчина.
Голманката Ема Кирова, која е меѓу летните засилувања во составот на Басри Љатифи, посакува активен резултат по првата средба со незгодниот ривал.
„Можеби за нашата јавност Ајдовшчина не е толку познат клуб, но имаме сознание дека е стабилен клуб во женската словенечка прва лига која брои 14 клуба. Веднаш после ждрепката почнавме со подготовки, како би ја поминале првата пречка Ајдовшчина, така што се надеваме за активен резултат во првиот натпревар на гости и сигурна победа на домашен терен“, вели Кирова.
Таа и нејзините колешки заедно со стручниот штаб го анализираа противничкиот тим.
„Секако дека ги анализиравме. Во првото коло од домашното првенство Ајдовшчина славеше висока победа на домашен терен против Олимпија. Особено внимание треба да посветиме на нивниот среден бек Зупан, како и пивотот Распор и брзото лево крило Јерас кои се ударни ракометарки во нападот на популарно наречените ‘млинарки’“, продолжи Кирова.
Чаир има големи амбиции оваа сезона и на домашна и на меѓународна сцена.
„Во оваа сезона се надеваме најмалку да го достигнеме резултатот од минатата сезона, што се однесува на настапите во ЕХФ Европскиот куп. На домашна сцена ќе атакуваме на освојување на титула. Реално ростерот е многу добро склопен, квалитетно се работи, а атмосферата меѓу девојките е извонредна“, заврши Кирова.
Првиот натпревар меѓу Ајдовшчина и Чаир се игра утре, на 27 септември, од 19:00 часот, додека реваншот ќе биде на 4 октомври со почеток во 19:00 часот во малата сала на СЦ „Јане Сандански“.