Помалку од два месеци пред почетокот на Светското првенство 2025, женската ракометна репрезентација на Романија остана без селектор.
Флорентин Пера ја известил Ракометната федерација на Романија дека поднесува оставка, а заедно со него се повлекол и неговиот прв помошник, Богдан Буричеа.
Двајцата тренери денеска испратиле официјален мејл до федерацијата со кој ја потврдиле својата одлука. Според информациите на „ГСП“, прв оставката ја поднел Буричеа, кој поради сериозни здравствени проблеми на своите родители мора да се посвети на семејството. Неколку часа подоцна истото го сторил и Пера, повикувајќи се на лични причини.
Пера и Буричеа беа на кормилото на Романија од 2022 година. Само неколку дена пред оставките, репрезентацијата двапати загуби во пријателски натпревари против светскиот и европски шампион Франција (27:32 и 24:30)
Романија се наоѓа во групата А на СП 2025 заедно со Данска, Јапонија и Хрватска. Мундијалот ќе се одржи од 26 ноември до 14 декември во Германија и Холандија.
Романската федерација ќе биде во трка со времето да најде наследник на Пера што ќе го води националниот тим на СП 2025.