Тимот на Пролет ја оствари втората победа во третиот натпревар од новата сезона во Супер лигата, откако славеше против Радовиш со 27-24. По високиот пораз кај Еурофарм Пелистер им требаше враќање на домашните на победничките патеки, додека радовишани за кои ова беше трет пораз на третиот меч, бодови ќе бараат на некое друго место.
Избраниците на Никола Матлиески го скршија отпорот на гостинската екипа на стартот на второто полувреме, бидејќи по првиот дел нивната предност беше само минимална, 14-13.
Кога почнаа вторите триесетина минути, Пролет направи серија од четири гола, се одлепи на 17-13 и се чини тоа беше клучниот момент на средбата. Имаа домашните и водство од шест гола, но до крајот радовишани успеаја да ја преполоват и да стигнат до поднослив пораз.
Во следното коло Пролет ќе гостува кај Прилеп, додека радовишани ќе го пречекаат „сино-белиот“ тим од Автокоманда.