Охрид пружи силен отпор, но Вардар ги собра бодовите од дербито!

Ракометарите на Вардар ја прославија третата победа во Супер лигата, откако го добија и дерби дуелот против Охрид со 33-31. Иако мораа добро да се измачат за двата бода од оваа пресметка, сепак на крајот се радуваа „црвено-црните“. Домашните водеа и со четири гола во текот на мечот, но и тоа беше премалку да имаат мирна завршница против Охрид, кој уште еднаш покажа дека е во рамноправна трка за титулата. Во последните четири минути се влезе со 31-31, гостите имаа прилики, но не погодуваа, казните стигнаа на спротивната страна и Вардар се израдува на победата.

Стратегот на Вардар не сметаше на повредените Кеита, Еспиња, Лазаревски и Стаменковиќ, но и на Валах и Пинто, додека Ројевиќ реши да ги изостави Цирар, Шипинкоски, Трајчески и Бојаниќ.

Во почетните десетина минути се играше гол за гол до 5-5, а двајцата голмани – Гогов и Чаневски имаа свои моменти. По грешката на Вејин, Митровиќ со два гола донесе за првпат плус два за „црвено-црните“, 7-5.

Kога домаќините отидоа на три гола предност преку Борозан, гостинскиот тренер Ројевиќ мораше да бара тајм-аут. Чаневски му фати удар на Борозан, потоа и Анастасовски беше исклучен, па „гладијаторите“ се вратија во егал, 10-10.

Сега беше редот на Чупиќ да побара тајм-аут за да ги смири неговите избраници, кои до одморот успеаја да стигна до највисоките четири гола предност, 17-13. Но згрешија домашните на два пати, промаши и Талески и Ѓукиќ со два гола од пенал ја преполови негативата, 17-15, со кои се замина на пауза.

Српското десно крило од Охрид беше најекспониран играч на гостите, иако промаши да пати по ред, сепак ги врати „гладијаторите“ одново во игра и на минус еден негатива, 21-20. Имаа прилика гостите и за реми но Гогов се испечи пред шутот на капитенот Ојлески.

Во ист ритам се играше во продолжение од мечот, Вардар не можеше да направи разлика што ќе обезбеди мирен финиш и дозволи гостите да стигнат до реми, 31-31 на четири минути до крајот, па допрва почнуваа возбудувањата.

Малус се погрижи за водство, а Ројевиќ викна тајм-аут за да ги подели последните совети за неговите избраници. Нападот на охриѓани немаше многу идеја, па Иванковиќ мораше да шутира и не погоди, но и вардарци загубија топка. Охрид не искористи уште еден напад, Борозан казни за 33-31 и веќе немаше време за гостите да сторат нешто повеќе.

Гогов имаше десет одбрани на голот на Вардар, осум гола даде Митровиќ, додека Борозан стрелаше шест пати. Во гостинскиот состав, Чаневски и Блажески комбинираа осум одбрани, додека најистакнати во нападот беа Ѓукиќ со осум и Вејин со пет гола. Во следното коло Вардар му гостува на Тиквеш, а Охрид ќе игра на гости кај Еурофарм Пелистер 2.