Ракометарите на Охрид ќе играат во финалето на домашниот турнир „Крсте Андоновски“ иако загубија со 30-29 од екипата на Нексе. Ова значи дека во кругот од три тима со по четири бодови, најдобар е Охрид со +4 гол разлика, Нексе заврши втор во групата -1, додека Партизан заврши на третото место во групата со гол разлика од -3.
Во финалниот натпревар Охрид ќе игра против Еурофарм Пелистер од 20:00 часот, додека во мечот за третото место ќе играат Вардар и Нексе Нашице. Лиапис имаше пет гола, по четири дадоа Стрмљан и Иванковиќ, а блескаше на голот Блажески со 17 интервенции.
Домашните одржуваа рамнотежа до 5-5, потоа десниот бек Давид Савревски доби директен црвен картон по стартот над Тин Лучин и Нексе почна да се одлепува. Имаше плус три, 8-5, а потоа и плус пет, 15-10.
Охриѓани имаа пост од десет минути без постигнат погодок, Лиапис постигна гол за 15-12, домашните беа во позиција и за минус два, но Радовановиќ одбрани и Нексе казни за 16-12, резултат со кој се замина на пауза.
На стартот на второто полувреме Охрид имаше добри моменти, успеа тимот на Ројевиќ да стопи дел од негативата, 17-15, а тоа беше аларм за Иванковиќ да бара тајм-аут. Како одминуваше времето така „гладијаторите“ успеваа да фатат приклучок.

Охрид – Нексе
Блажески врза неколку интервенции во серија, а Тасески го донесе израмнувањето, 21-21. Потоа се играше гол за гол до 24-24, Охрид напаѓаше за водство, што ќе беше прво во вториот дел, но Јажебски одбрани.
Казната стигна, Нексе пак отиде на плус два и Ројевиќ мораше да бара тајм-аут, кога остануваа да се играат уште десетина минути. Потоа Блажески пак одбрани, погоди Иванковиќ на празен гол за реми.
По двете грешки на гостите, Кукуловски и Цирар беа прецизни за 29-27, а Иванковиќ пак побара тајм-аут во обид да спаси тоа што може да се спаси. Охриѓани згрешија два пати по ред, беа казнети за своите грешки и со пенал во последната секунда Нексе направи пресврт за 30-29.
Финалниот натпревар ќе се игра од 20:00 часот, мечот за третото место е на програмата од 17:45 часот, додека во утринската сесија од 11:00 и 13:00 часот ќе се одиграат средбите за седмо и петто место.


























