Европскиот првак бара голман – во комбинација и екс пелистерец!

Актуелниот европски шампион и ривал на Еурофарм Пелистер во групната фаза од Лигата на шампионите, Магдебург, е во потрага по нов чувар на мрежата.

Германскиот клуб пред извесен период потврди дека швајцарскиот репрезентативец Никола Портнер поради позитивен допинг тест ќе мора подолго време да паузира, па раководството веќе бара соодветна замена.

Според пишувањата на „Билд“, една од опциите е екс-голманот на Еурофарм Пелистер, Карим Хендави, кој моментално настапува за Ал-Сафа во Саудиска Арабија. Хендави претходно беше поврзуван и со амбициозниот проект на Охрид, но трансферот не се реализираше.

Покрај него, на списокот се наоѓаат и двајца хрватски голмани. Доминик Кузмановиќ, кој настапува за Гумерсбах и има договор до 2028 година – што значи дека евентуалната оштета би била висока.

Второто име е Матеј Мандиќ, кој веќе извесно време се споменува како можен наследник на Сергеј Хернандез. Неговиот трансфер, првично планиран за 2026 година, сега би можел да се случи и порано поради новонастанатата ситуација.