Радовишани „запалија мотори“, договорени четири пријателски средби

Суперлигашот Радовиш ги започна подготовките за новата натпреварувачка сезона во која ќе влезе со најмалку пет нови имиња.

Стручниот штаб на радовишани ќе смета на десното крило Мартин Димов, левите бекови Филип Сиљанов и Илија Табаков, кои доаѓаат од Борец од Велес, потоа голманот Даниел Ацев и средниот бек Бобан Каковски.

Овие имиња претставуваат важен дел од новиот проект на Радовиш, кој има за цел да изгради конкурентна екипа за сезоната што следи.

Договорени се четири пријателски натпревари (по две со прволигашите Текстилец и Младост Богданци), а дополнително ќе има уште неколку пред стартот на сезоната.

Радовишани претходно ги задржаа левото крило Славе Јанковски, десното крило Филип Трајанов и левиот бек Иванче Ончев, дефанзивецот Филип Костадинов, како и голманот Александар Ристов и капитенот Здравко Постолов.

Од управата најавуваат дека тоа не е крајот на трансфер активностите, бидејќи во тек се преговори со уште неколку засилувања кои наскоро ќе бидат официјализирани.