Македонската ракометна судиска гордост, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, и оваа година ќе бидат дел од престижниот ТВ турнир на шампионите во Добој, Босна и Херцеговина. Турнирот, кој ќе се одржи од 13 до 16 август, влегува во своето 56. издание, и повторно ќе биде центарот на светскиот ракомет.
Начевски и Николов, кои со години важат за едни од најдобрите ракометни судии во светот, се традиционални учесници на турнирот во Добој, а минатата година имаа чест да го судат финалниот натпревар. Нивното присуство е уште една потврда за високиот углед што македонската ракометна арбитража го ужива на меѓународната сцена.
Оваа година, организаторот се одлучи за нов формат со шест екипи, поделени во две групи. Турнирот ќе ги обедини најдобрите тимови од три континенти, а учествуваат:
Кил (Германија)
Гумерзбах (Германија)
Веспрем (Унгарија)
Ал Ахли (Египет) – актуелен шампион
Бешикташ (Турција)
Слога Добој (Босна и Херцеговина) – домаќин
Група А ќе ја сочинуваат: Слога Добој, Кил и Гумерзбах
Група Б: Веспрем, Ал Ахли и Бешикташ
По одигрувањето на групната фаза, ќе следуваат мечеви за пласман, вклучувајќи го и финалето, каде многу веројатно повторно ќе ги гледаме Начевски и Николов.
Турнирот во Добој важи за еден од најреномираните подготвителни турнири во Европа, а годинашниот состав ветува спектакуларен ракомет. Македонија може да биде горда што нејзините судии се постојано присутни на вакви големи сцени.
Турнирот во Добој заедно со оној во Струга се најстарите според традицијата на овие простори. Добој се игра по 56 пат, а Струга ќе го има своето 53 издание исто така во август.