Со работен состанок на клупската управа, стручниот штаб и медицинскиот тим, како и ростерот на ракометарите, денес започна сезоната 2025/26 за новиот суперлигаш Еурофарм Пелистер 2.
Најмладиот македонски клуб од елитната категорија по една година се врати во Супер лигата и седум недели по завршувањето на старата, ги започнува активностите во новата сезона.
На првата средба во спортската сала „Боро Чурлевски“ учествуваа сите ракометари, со исклучок на Иван Младенов, кој е дел од кадетската репрезентација која учествува на Европскииот фестивал во Скопје. Тој ќе се приклучи кон групата од понеделник на подготовките во Пехчево.
Првата фаза од подготовките ракометарите на Еурофарм Пелистер ќе ги минат во Битола и в понеделник (28 јули) се селат на централните подготовки во Пехчево.
На крајот од август почнува завршната фаза на одигрување на тест натпревари за воигрување и настап на турнирот „Миле Нешкоски“ во Прилеп од 21 до 24 август. Еурофарм Пелистер 2 е дел од групата со Пролет и Црвена Звезда.