Македонија одигра храбро против „фуријата“, ама на крајот загуби

Кадетската машка репрезентација на Македонија го доживеа вториот пораз на Европскиот олимписки фестивал во Скопје, откако загуби од Шпанија со 31-26 и ќе се бори за пласман од петтото мдо осмото место.

Иако Македонија водеше со четири гола во првото полувреме, сепак на крајот мораше да му честита на противникот. Со седум гола одлична партија имаше Поповски, а по пет реализации запишаа Петрески и Стојановиќ.

По израмнетиот старт на натпреварот, 3-3, Македонија преку Поповски и Ѓорѓиески успеа да поведе со два гола, 5-3. Таквата предност ја одржувавме десетина минути со добра игра во одбраната, но следуваше исклучување на Ѓорѓиески, неколку промашени акции и Шпанците се вратија во егал.

Пропуштивме уште неколку прилики, но и противникот исто така, па беше 12-12 и шпанскиот селектор побара тајм-аут. Но тоа не им донесе на Шпанците предност, туку на нашите момци.

Предводени од одличниот леворак Поповски, Македонија се одлепи на плус три, 15-12, а Гарбески ни донесе и највисоки плус четири, 17-13. Сепак две грешки во финишот на полувремето и предноста ни беше преполовена на паузата, 17-15.

„Фуријата“ имаше силен старт на второто полувреме, набрзина за пет минути успеа да го врати мечот на „нула“, 18-18, и во продолжение се играше гол за гол до 22-22. Тогаш Симоновски промаши од крило, Симоновски доби исклучување и Шпанија отиде на највисоки плус три, 25-22 на десетина минути до крајот.

Нападот малку ја загуби течноста, шпанскито голман одбрани неколку топки и практично по 29-23 беше познат победникот на мечот. До крајот Македонија намали дел од негативата, но немаше време за нешто повеќе на овој меч.

Утре Македонија го игра третиот натпревар од групната фаза во СРЦ „Кале“ со почеток од 16:00 часот против селекцијата на Исланд, но јасно е дека ќе разигрува за пласман од петтото до осмото место на ова натпреварување.