Во Автокоманда ги „пречкртаа“ Бинго, Младеновиќ и Петров, промовиран „рибарот“

Актуелниот освојувач на трофејот во Европскиот Куп, „сино-белиот“ тим од Автокоманда, ја потврди разделбата со тројца ракометари.

Како што најави 24Ракомет, левото крило Арно Бинго и левиот бек Михајло Младеновиќ, не се повеќе дел од составот на Кирил Лазаров.

Покрај нив, Костадин Петров, кој се рехабилитира од повреда, наредната сезона ќе ја помине во вториот тим и ќе игра за „витамините“ од Автокоманда.

Претходно клубот го напуштија Давид Саврески, Благојче Трајкоски и Франциско Силва, а ново име како што најави 24Ракомет е левото крило од Исланд, Пал Монси Тордарсон.

Тој доаѓа од исландскиот Валур и во Македонија ќе го има првото интернационално искуство во кариерата.

Тимот на Кирил Лазаров ќе ги реализира подготовките во Маврово, Скопје и Србија, а ќе одигра осум пријателски натпревари пред двомечот со германскиот Хановер од квалификациското коло во Лигата на Европа.