По Арно Бинго, уште еден ракометар од освојувачот на ЕХФ Европскиот Куп е на добар пат да си замине од Автокоманда. Станува збор за македонскиот репрезентативец Михајло Младеновиќ, кој по три сезони во Автокоманда има одврзани раце да бара нова средина и клубот не смета на неговите услуги.
Тој беше меѓу клучните ракометари кога овој клуб ја играше првата сезона во елитната конкуренција, но како одминуваше времето, така добиваше се помала улога, а на некои од натпреварите не ни беше во составот.
Младеновиќ потекнува од Србија, но го облече македонскиот дрес и играше и за младинската и сениорската репрезентација. Афирмацијата ја стекна во Металург, каде играше за вториот и за првиот тим, а потоа мина една сезона и во составот на Охрид.
Покрај Бинго и Младеновиќ, на излезна врата од Автокоманда се и уште неколку други ракометари, а тоа веројатно ќе биде познато до стартот на подготовките во текот на утрешниот ден. Претходно тимот предводен од македонскиот селектор Кирил Лазаров се откажа од услугите на Благојче Трајкоски, Франциско Силва и Давид Саврески.