Полскиот Горњик Забже нема да учествува во новата сезона на полската Супер лига, откако не доби лиценца за настап. За тешката состојба на клубот се зборуваше веќе неколку месеци.
Претседателот на клубот, Богдан Кмиечик, претходно најави дека ќе се повлече од управувањето, а од тој момент не се појави заинтересиран инвеститор кој би го спасил клубот.
Клубот не доби лиценца на почетокот од јули и не поднесе жалба на таа одлука.
„Со неподносувањето на жалба во предвидениот рок, одлуката стана конечна. Со тоа, Горњик Забже не доби лиценца за настап и нема да може да учествува во сезоната 2025/2026. Разговорите изгледаа ветувачки, а заврши една убава приказна, години на одлична работа, емоции, медали и посветеност на луѓето, предводени од Богдан Кмиецик“, се вели во соопштението од управата на лигата.
Екипата на Сласк Вроцлав претходно доби покана за добивање вајлд-карта, но немаат намера да ја искористат. Иако се шпекулираше дека Азоти Пулави исто така ќе стави „катанец на врата“, сепак најден е спонзор во последен момент и тимот ќе се натпреварува, иако го распушти цел тим, па сега е во потрага на нови ракометари.
Отсуството на Горњик Забже е голема загуба за полската Супер лига, бидејќи клубот во последните сезони редовно се наоѓаше во самиот врв на полскиот ракомет, a беше шампион на Полска во 1989 и 1990 година.
Новата сезона во Полска ќе се игра со 13 клубови.