Кристијан Дисингер, Германецот што стана европски шампион со Вардар во 2019 година, е во потрага по нова средина, откако му заврши договорот со унгарската Татабања.
Овој 33-годишен лев бек во последниве години играше за низа клубови низ Европа и светот. По заминувањето од Кил, настапуваше за Вардар, Динамо Букурешт, катарскиот Ал-Духаил, унгарскиот ПЛЕР Будимпешта и потоа Татабања.
„Разговарам со неколку клубови, бев на одмор и сега ќе видиме што ќе се случи во следните денови. Преговорите се во тек, но ништо не е официјално,“ вели Дисингер во разговор за „Handball World“.
По седум години надвор од Германија, Дисингер не ја исклучува можноста повторно да заигра во родната земја.
„Во контакт сум и со германски клубови, но која земја ќе биде не ми е најважно. Ќе видиме што ќе се случи. Не можам да кажам дека по секоја цена сакам назад во Германија, но тоа е дефинитивно опција. Сакам да имам забава во она што го правам. Би сакал повторно да се борам за титули, но тоа не е најголем приоритет. Најважно е да се пронајдеш во целите на клубот“, заврши Дисингер.
Македонскиот зет со Вардар покрај титулата во Лигата на шампионите, oсвои и две шампионски титули во домашното првенство, еден трофеј во Купот на Македонија, како и една титула во регионалната СЕХА лига.