Трансферот на Иван Мартиновиќ во Веспрем може да предизвика вистински домино ефект на европскиот ракометен пазар. Според „Hand News“, токму овој потег би можел да го забрза трансферот на Недим Ремили во ПСЖ, клубот кој активно бара засилување на позицијата централен бек.
Парижани се соочуваат со голем проблем поради долготрајното отсуство на Јакоб Холм, кој заработи тешка повреда – скината ахилова тетива.
Со оглед на тоа Ремили се наметнува како идеално решение, бидејќи веќе се има докажано и на средната бековска позиција во француската репрезентација, а на десен бек ПСЖ го има Омар Јахја.
Од друга страна, Веспрем сигурно не би се откажал од Ремили пред стартот на сезоната и да остане само со Мартиновиќ на десната страна, бидејќи веќе се ослободи од Лукас Сандел, кој ќе одигра една сезона во Рајн Некар пред следното лето да отиде во ПИК Сегед.
Ремили има договор до крајот на 2026 година со Веспрем, но во унгарскиот првак не се баш најзадоволни со неговите перформанси, па францускиот репрезентативец лесно би можел да се согласи на камбек во ПСЖ.