По речиси две децении на врвот на светскиот ракомет, Лаура ван дер Хајден најави крај на кариерата.
Преку емотивна објава на социјалните мрежи, 33-годишната холандска репрезентативка откри дека ќе се збогува со ракометот.
„Како мало девојче никогаш не сонував дека ќе го претворам моето хоби во професија, ниту пак дека ќе играм 15 години низ различни земји,“ напиша таа.
Ван дер Хајден дебитираше за сениорската репрезентација на Холандија со само 17 години, и во текот на 17-годишната репрезентативна кариера одигра 297 натпревари и постигна речиси 900 голови.
Беше важен дел од златната генерација која го освои Светското првенство во 2019 година, а со Холандија има вкупно пет медали од големи натпреварувања.
„Без поддршката од семејството и пријателите, оваа авантура немаше да биде толку убава. Ме следеа секаде и имаа разбирање за сè што пропуштав,“ додаде таа.
Кариерата ја започна во Холандија, а потоа играше за Олденбург (Германија), Ференцварош (Унгарија), Битигхајм (Германија), Есбјерг (Данска) и Борусија Дортмунд (Германија), додека последниот клуб ѝ беше францускиот Шамбре Турен.
„Ќе ми недостига играта, ќе ми недостига тимскиот дух… но со возбуда гледам што ме чека понатаму.“
Сè уште не е познато дали ќе остане во ракометот во некоја друга улога. Неодамна пензионирање најави и нејзината долгогодишна колешка Тес Вестер.

























