Замина како играч, се врати како тренер: Иван Чупиќ ќе го води Вардар!

Вардар денеска го промовираше за нов тренер Иван Чупиќ, кој беше дел од шампионската генерација на Вардар во 2017 и 2019 година кога „црвено-црните“ беа европски прваци, но исто така и „жареа и палеа“ и во СЕХА лигата.

Хрватската легенда доаѓа на местото на аргентинскиот стратег Гиљермо Милано, кој се задржа во клубот помалку од една сезона.

Вардар веќе промовираше еден Хрват, но на позицијата тренер на голмани, Марио Келентриќ.

Прославениот ракометар ја започна својата самостојна тренерска кариера минатата сезона, а досега го водеше само клубот од родното место, Метковиќ кој успешно го спаси од испаѓање. Пред тоа беше помошник на Андрија Николиќ во Загреб.

Во Вардар беше од 2016 до 2021 година, по што замина во Загреб. Вардар му врачи отказ на Гиљермо Милано, откако во последното коло на домашен терен „црвено-црните“ беа поразени од Еурофарм Пелистер, и титулата остана во Битола.