Еурофарм Пелистер одигра шампионски во Автокоманда и ја фрли ракавицата кон Вардар

Во последниот дерби дуел пред одлучувачкиот натпревар за титулата во Македонија меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар, битолчани го освоија жешкиот терен во Автокоманда и со резултат 29-23(18-14) си заминуваат победнички од Скопје.

Натпреварот започна без препознатливиот натпреварувачки жар обременет од важноста. Двете екипи имаа свои моменти, но најчесто беше израмнето и на теренот и на семафорот. Голманите ја правеа разликата во водство на двете екипи. Но ниту еден од двата тима немаше повисока разлика од два гола. Актуелниот македонски шампион Еурофарм Пелистер дури во финишот на првото полувреме успеа да го разбие отпорот на домаќините. Па во последните десет минути создаде разлика од четири погодоци со која екипите заминаа на полувреме, 14-18.

Еурофарм Пелистер не можеше да смета на капитенот Филип Кузмановски, а шанса добија и помладите ракометари од ростерот на Алонсо. Сино-белите се спротивставија со репрезентативниот среден бек Ѓоргиев кој се врати на теренот по неколку месечна пауза поради повреда.

Без разлика на отсуството на капитенот, битолчани ја продолжија својата игра и во вториот дел. Борзаш на стартот на вториот дел ја зголеми разликата на „плус пет“ (14-19) за комотно водство на „зелено-белите“. Како одминуваше времето, предноста на македонскиот шампион полека се топеше, па во средината на второто полувреме домаќините успеаа да намалат поголем дел од негативата. Но црна дамка на овој дуел остави црвениот картон на тренерот на домаќинот и селектор на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров кој во 40. минута не можеше да ги контролира своите емоции, а од неочекуваниот вербален конфликт со судијата Митревски заработи црвен картон.

За среќа на „сино-белите“ овој инцидент не го наруши нивното темпо па со голот на Џонов во 44. минута тимот од Автокоманда дојде на „минус еден“. Тренерот на Еурофарм Пелистер со тајм-аут се обиде да спречи комплетен пресврт, но веднаш по паузата неговите ракометари направија грешка. Битолчани дури три минути по тајм-аутот успеаа да постигнат погодок преку Павле Атанасијевиќ, што влијаеше позитивно на гостинската екипа. Искусниот Дејан Манасков го водеше нападот на „зелено-белите“ во тие моменти, а Еурофарм Пелистер бргу се врати на четири голови предност, разликата се создаде благодарение на грешките во напад на спротивната страна и одбраните на младиот Брестовац. До крајот на натпреварот останаа уште 10 минути, а ракометарите на домашниот состав го прифатија поразот. Предноста на битолчани започна да се зголемува до највисоки „плус седум“ во 55.минута со четвртиот гол на Хосни за 21-28, а потоа и „плус осум“ 21-29 преку Борзаш на три минути до крајот. Во самиот финиш „сино белите“ намалија два гола од високото водство на противникот за конечни 23-29 и победа на Еурофарм Пелистер.

Дејан Манасков постигна 6 голови за Еурофарм Пелистер на овој дуел, Борзаш го следеше со 5. Во домашниот состав ПЕтковски постигна 6 голови, а Серафимов 5.

Домаќините до крајот на сезоната имаат уште два дуели, кои нема многу да променат на табелата во македонскиот плеј-оф. Во сабота на 07.04.2025 македонскиот шампион Еурофарм Пелистер ќе има шанса да ја одбрани титулата во македонското првенство на гостувањето кај лутиот ривал Вардар. Натпреварот кој ќе го даде новиот македонски првак се игра од 19:30 во С.Ц. „Јане Сандански“.