Тимот на Македонија Ѓорче Петров е на чекор до второто место во прволигашкиот плеј-оф што носи суперлигашки бараж.
„Лавовите“ од Ѓорче Петров успеаја да слават над „витамините“ од Автокоманда со 28-25 и сега имаат подобар меѓусебен дуел со дирекниот конкурент за второто место.
На табелата, Македонија Ѓорче Петров е втора со 25 бода од 16 меча, исто толку имаат „витамините“ од Автокоманда на третото место но од 17 меча. За нив останува домашен натпревар со Драчево, додека Македонија ЃП ќе игра уште два натпревари против Еурофарм Пелистер 2.
Домашните тргнаа со водство од 5-1, но гостите од Автокоманда се вратија во егал, 9-9. На паузата Македонија Ѓорче Петров водеше со 13-11, а комплетно го скрши отпорот на ривалот во вториот дел и завршницата беше рутинска.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Бојан Чакалиќ и Марко Станојоски со по пет погодоци, додека кај тимот од Автокоманда по исто толку голови дадоа Бобан Поповски, Филип Насевски и Марко Каркалашев.