Шампионот останува без десниот бек – по пет сезони Петровиќ си оди од Битола

Босанскиот репрезентативец Павле Петровиќ на крајот од оваа сезона ќе си замине од македонскиот шампион Еурофарм Пелистер.

Десниот бек ќе има нов предизвик во кариерата откако потпиша договор со австрискиот тим Линц.

„Решив да се преселам во Линц бидејќи сум убеден дека е голем чекор напред во мојата кариера. Го гледам овој клуб како место каде што можам да се развивам како играч“, изјави Петровиќ.

Тој дојде во Битола во 2020 година, три сезони настапуваше за вториот тим на Еурофарм Пелистер, а последните две беше дел од првата екипа, но не успеа да се избори за позначајна улога и минутажа.

Шампионот го договори полскиот интернационалец Анжеј Видомски на десната бековска позиција, а нов договор на една сезона потпиша и Тунижанецот Усама Хосни.