Машката репрезентација на Македонија ги продолжува подготовките за последните две средби од квалификациите за ЕП 2026, по кои ќе биде познато дали момците на Лазаров ќе играат на ново големо натпреварување.
Голманот Иван Галевски, кој брани во одлична форма на клупско ниво, очекува дека ќе биде тежок меч со Литванија, но се надева на победа.
„Одигравме два меча со истите селекции, па имаме повеќе материјал да ги анализираме, имаме време да подготвиме тактика. До ЕП има уште многу време, тоа е долг период, нема да мислиме на тоа, сега приоритет ни се овие два натпревари и како да ги добиеме. Во Литванија има играчи што играат во Драгунас Клаипеда, кои ги направија доста проблеми на клупско ниво кога игравме. Станува збор за селекција, комплетна, спој на младост и искуство, уверен сум дека нема да биде лесно, но ако ние го дадеме нашиот максимум, тогаш може да се надеваме на победа“, изјави Галевски.
Покрај искусниот Митревски, на голманската позиција се враќа Мартин Томовски, па Галевски ќе има силна конкуренција.
„Јас сум тука да тренирам, да се докажувам, да го покажам својот квалитет на тренинзите, а на селекторот ќе остане одлуката дали ќе настапам на некој од натпреварите. Сеедно дали ќе играм една минута, две, пет или повеќе, јас сум тука да го дадам својот максимум за Македонија“, заврши Галевски.
Наптреварот против Естонија се игра во Талин на 8 мај од 18:00 часот, додека оној против Литванија е на програмата на 11 мај во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18:00 часот.
Македонија мора да чека пораз на Литванија, иако Словенија таму ќе оди со трет состав, за да остане во конкуренција за второто место. Во секоја друга комбинација, ќе се бори за трето место, ќе треба двапати да победи, но и да пресметува гол-разлика со другите третопласирани селекции од сите групи.