По одличното издание на полуфиналниот двобој против полскиот Келце и триумфот со 37-29, младинскиот тим на Еурофарм Пелистер се пласираше во финалето на квалификацискиот турнир во Букурешт што значи и борба за завршниот турнир во Лигата на шампионите.
Момците на Фарук Мемиќ и Кире Митревски, предводени од Алем Хаџиќ, одиграа како по ноти против полскиот тим, не оставајќи му ниту мала надеж дека може да се надева на нешто на овој дуел.
За пласман во Келн ќе биде потребна уште една таква претстава, но против домаќинот Динамо Букурешт, кој во полуфиналето елиминира уште една полска екипа – Висла Плоцк.
Домаќинот ќе ја има поддршката од трибините на своја страна, но и битолчаните имаат свои поддржувачи во салата во Букурешт. Натпреварот што ќе им донесе историски пласман во Келн на завршнито турнир во елитната конкуренција стартува од 18:00 часот.