Вардарки не издржаа до крај – „лавиците“ триумфираа убедливо

Актуелниот шампион Ѓорче Петров го задржа максималниот ефект во Женската лига, откако на гостувањето кај Вардар триумфираше со 32:23 во натпревар од 13. коло од плеј-оф фазата.

Вардарки дадоа сѐ од себе за да се покажат во добро светло против шампионот, во делови од натпреварот парираа, имаа свои моменти, но во последниот дел гостинките се разбудија и одработија рутински.

Избраничките на Симе Симовски почнаа според посакуваното, но како што се доближуваше паузата, така вардарки стануваа сѐ поопасни. Иако Ѓорче Петров во неколку наврати имаше три-четири гола предност, сепак, по предноста од 11:8, домаќинот со два гола во низа намали на 11:10, а по 30 минути игра беше 13:11во корист за гостинскиот табор.

Домаќинките одлично го отворија вториот дел и во три наврати го израмнуваа резултатот (14:14, 15:15, 16:16). Кога најмногу требаше, гостинките се разиграа,  ги казнуваа грешките на домашниот тим и од 45-та минута, па до финишот имаа солидна залиха и без многу проблеми дојдоа до убедлив триумф.

Најефикасни во победничката екипа Есма Муратовиќ и Емилијана Ризоска, двете имаа по седум погодоци, а шест реализации запиша Катерина Дамјановска. Кај Вардар се истакна Сара Богојеска со шест погодоци.