Екипата на Ваљадолид каде што играат двајцата македонски интернационалци Димитар Димитриоски и Мартин Карапалевски, приреди огромна сензација во Асобал лигата.
Ваљадолид ја сруши моќната Барселона во натпревар од 26 коло и славеше со 26-24, откако и на полувремето имаше водство од 15-10.
Средниот бек Мартин Карапалевски имаше три погодоци од четири обиди, а сите ги постигна во првите осум минути од мечот. Левото крило Димитриоски погоди еднаш од двата обиди во голот на каталонскиот гигант.
Уште еден екс вардарецот, Жозе Толедо, беше најдобар стрелец во победничкиот тим и имаше осум гола од осум обиди.
Со оваа победа, Ваљадолид ја одложи прославата на титулата во Барса, која очигледно не игра во формата што посакува тренерот Ортега.
Барса останува лидер со 46 бодови, Гранољерс е втор со 36, трета е Бидасоа со 34, а „македонскиот“ Ваљадолид на тренерот Давид Писонеро сега е на четвртото место со 32 бода.