Еурофарм Пелистер „гази“ кон титула – „сино-белите“ на колена во Битола!

Шампионот Еурофарм Пелистер направи уште еден сигурен чекор кон одбрана на титулата, откако во преполната сала „Боро Чурлевски“ го совлада еден од директните конкуренти, тимот на Кирил Лазаров со 30-28. Имаа битолчани плус четири во финишот, но гостите врзаа три гола во серија и последната минута беше интересна. Човек на одлука беше Алем Хаџиќ, кој го постигна клучниот гол на десетина секунди до крајот за потврда на триумфот на битолчани. Тие сега имаат девет бода на првото место, Вардар е втор со осум, додека „сино-белите“ се трети со четири бодови.

Мечот во Битола доби на важност по објавите на официјалните лица на гостите за претходните дуели, и на одговорот на четири од шесте клубови од плеј-офот кои ги апострофираа „сините од Автокоманда“ како тим кој врши притисок врз официјалните лица, го омаловажува резултатот на противникот, па дури и тренерот за навреди кон ривалскиот тим. Полната сала во Битола беше одговор на навивачите кои за два дена пак ја наполнија салата, и направија одлична атмосфера.

Двата тима ја гледаа својата шанса. Домашните да бидат во поповолна ситуација пред гостувањето на Вардар, а скопјани да можат да фатат приклучок со врвот и да останат во игра за титулата.

Тргнаа домашните добро со предност од 6-2 и 7-3 како најава за можна „реприза“ на претходниот меч кога имаше двоцифрена предност за Еурофарм Пелистер. Но, гостите не дозволија лесно да се направи поголема резултатска предност. Полека намалуваа, па дојдоа неколкупати на негатива од само еден гол.

Во тимот на Еурофарм Пелистер го немаше Цехте Нејц, а кај гостите недостасуваше Марко Митев.

Уште во првиот дел судиите Кркачев и Колевски мораа многупати да покажуваат на линијата од седум метри и да исклучуваат играчи на двете страни. Домашните за 30 минути изведоа седум пенали од кои два одбрани Галевски, а гостите четирипати се радуваа на головите на Серафимов од линијата за пенал.

Валентин Карасманакис и Марко Стојковиќ влегоа во „опасната зона“ бидејќи во првиот дле добија од две исклучуваа и ново ќе значи преселба на трибините, а сличен исход може да очекува ид Илија Абутовиќ кој исто така имаше две исклучувања.
Домаќините до полувремето имаа четири ислчучувања од по две минути, а гостите имаа пет исклучувања од по две минути.

Последните четири минути од првото полувреме Еурофарм Пелистер пак „ги зби редовите“ особено во напад, па погоди за ново водство од четири гола, за 18-14. Во псоледните секунди Марковски намали на 18-15, па тројката беше како преодна оценка за играта на домаќините кои постојано имаа водство.

На стартот на вториот дел, Стојковиќ намали на минус два, а гостите имаа шанса и за минус еден, но не погодија на празен гол. Имаа уште една таква шанса, но Ѓорѓиев биеше во главата на Ивиќ и доби исклучување. Следуваше и казна на спротивната страна од Кузмановски за 22-19.

Имаа момците на Кирил Лазаров уште две шанси да го направат мечот интересен и да намалат негативата на минус еден, но тоа им успеа дури од „трета преку Серафимов од пенал на петнаесетина минути до крајот, 22-21. Но македонскиот десен бек промаши удар од седум метри, кој можеше да донесе реми и драма во финишот.

Галевски им одбрани пенали на Кузмановски, Радивојевиќ и Манасков, но капитенот одново се врати на линијата и зголеми на плус два, 24-22. Капитенот на битолчани се разигра во финишот, Ивиќ одбрани и зицер и беше 27-24, а популарниот „Фитиљ“ отиде и на безбедни плус четири, 29-25 кога остануваа уште еден пет минути за играње.

Врзаа гостите два гола во серија, потоа беше и 29-28 на триесетина секунди до крајот со голот на Ивановски, откако тимот од Автокоманда играше пресинг во одбраната и не дозволи гол на домашните. Сепак младиот Хаџиќ имаше храброст во последните неколку секунди да го реши натпреварот со гол за 30-28, откако гостите не внимаваа на него.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Кузмановски со осум и Радивојевиќ со седум голови, а девет за гостите постигна Мартин Серафимов. Во следното коло, битолчани му гостуваат на Бутел Скопје, додека „сино-белите“ исто така ги чека гостување кај составот на Охрид во СРЦ „Билјанини Извори“.