Обина во последната секунда донесе триумф за Тиквеш

Ракометарите на Тиквеш со голот на Аби Обина славеа против Бутел Скопје со 26:25 во натпревар од 3. коло од плеј-оф сегментот. За кавадарчани ова беше прва победа во плеј-офот, додека бутелци го доживеаја третиот пораз.

Гостите одлично го стартуваа натпреварот и со трите гола на Николов имаа предност од 3:1 во воведните пет минути. Двете екипи имаа свои моменти, а домаќините кон средината на првиот дел го свртија резултатот во своја корист, по нерешените 5:5, со голот на Кривокапиќ за првпат поведоа со 6:5, а во 15-та минута истиот ракометар погоди за 7:5.

Избраниците на Грчевски во уште три наврати имаа плус два, пред Бутел да се врати во игра, па така по дваесетина минути на семафорот имаше две деветки. Во последните десет минути од првиот дел некако како да падна темпото, се играше гол за гол, ниту една од двете екипи не можеше да направи исчекор, па домаќините на пауза заминаа со минимална предност од 15:14.

Домашниот тим на стартот на вториот дел се одлепи на 17:15, но гостите бргу возвратија за минус еден, 17:16. Бутел ја зацврсти одбраната и не му дозволи на ривалот да замине на повисока предност, напротив, успеа да се врати во игра, израмни на 18:18. Се играше гол за гол и само нијанси одлучуваа каков ќе биде исходот од натпреварот.

Бутел преку Димитар Узунчев, кој одигра одличен натпревар, израмни на 25:25, гостите можеа да си заминат со бод, но Аби Обина во последната секунда успеа да реализира во голот на бутелци за голема радост на домашната публика.

Игор Кривокапиќ со девет и Аби Обина со седум погодоци беа најефикасни во победничката екипа, додека кај Бутел се истакнаа Филип Николов и Димитар Узунчев, двајцата имаа по осум погодоци.