Бојаниќ: Со Вардар и Еурофарм Пелистер немавме среќа, се надевам сега ќе не послужи

Ракометарите на Охрид по поразите од Еурофарм Пелистер и Вардар во суперлигашкиот плеј-оф, ги очекува уште еден дуел со тим што беше кандидат за титулата – тимот од Автокоманда.

Кружниот напаѓач Владимир Бојаниќ, кој се врати на ракометните терени по повредата и беше дел од мечот со Вардар.

„После долга пауза се вратив на терените и сметам дека можам да и помогнам на екипата. Задоволен сум од тоа што можев да го покажам и благодарност до нашиот тренер Стевче Алушовски, кој ми укажа доверба и ме стави веднаш во составот против Вардар“, вели Бојаниќ.

На двата претходни меча охриѓани играа добро и против Вардар и против Еурофарм Пелистер, но останаа со празни раце.

„Ние работиме како да ги намалиме техничките грешки. Сакам да го пофалам голманот Ѓорѓески, кој пружи одлична партија против Вардар и посакувам да продолжи во ист ритам. Но таму игравме без Јотиќ, Мацуока штотуку се врати од повреда, Орјоникидзе не играше исто така, имавме скратен ростер, но и покрај тоа одигравме добар меч“, продолжи Бојаниќ.

Минатата сезона охриѓани на домашен терен триумфираа против избраниците на Кирил Лазаров, а српскиот интернационалец се надева дека тоа ќе биде случај и сега.

„Со гостинската екипа се познаваме многу добро. Играме и во групата од Супер лигата, потоа и во плеј-офот. Тоа е екипа со многу македонски репрезентативци, која игра брз и модерен ракомет. Со Еурофарм Пелистер и Вардар можеби немавме среќа, па се надеваме дека сега ќе не послужи и ќе ни се врати против тимот од Автокоманда. Нема да се предадеме, ќе излеземе да се бориме и како на секој меч, така и на овој ќе дадеме се од себе бодовите да останат во Охрид. Со Божја помош се надевам дека ќе можеме да бидеме комплетни и да победиме. Ги повикувам „Рибарите“ како и досега, да не бодрат во што поголем број и на овој натпревар“, заврши Бојаниќ.

Натпреварот меѓу Охрид и „сино-белите“ се игра в среда во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток во 18:00 часот.