Женската репрезентација на Македонија беше поразена од Полска со 22:18 во првиот натпревар од баражот за пласман на Светското првенство 2025. Иако Полска водеше со плус десет, сепак, Македонија во последните десет минути целосно ја искористи опуштеноста на домаќинките и успеа да запише пристоен пораз. Реванш дуелот ќе се одигра на 12 април во Битола.
Домаќинките откако не реализираа во првиот напад, тоа го направија во вториот обид преку Кочаниак за 1:0, а потоа од контра зголемија на 2:0. Првиот гол за Македонија го постигна кружниот напаѓач Катерина Дамјановска, следуваше консолидирање во составот на Грчевски, па така нашата репрезентација успеа да израмни на 3:3.
Полска повторно успеа да побегне на плус два, 5:3, но домаќинките не играа на посакуваното ниво, следуваше период на неколку грешки на двете страни, а кон средината на првото полувреме, при предност на Полска од 6:4, селекторот Грчевски побара тајм-аут.
Искусната Коблинска со својот прв гол во 15-та минута зголеми на 7:4, а во 16-та минута се повреди Ивана Арсениевска. Иако Полска беше со ракометарка помалку, техничките грешки се зголемуваа во нашиот табор, па така Полска успеа да замине на плус четири, 8:4.
Кризата во Македонија ја прекина средниот бек Моника Јанеска, погоди на празен гол за минус три, 8:5. Голанката Петковска влезе во ритам, фати неколку топки, не дозволи Полска да дојде до поголема предност и Македонија намали на 8:6 во 20-та минута. Македонија во последните десет минути во желбата да ја анулира негативата ги зголемуваше грешките, постигна само два, а прими шест погодоци и резултатот на полувреме гласеше 14:8 во корист за домаќинот.
Репрезентативките на Полска на стартот на вториот дел зголемија на 15:8 и во неколку ситуации не реализираа за плус осум. Ристовска од пенал во 35-та минута намали на 15:9, но на Македонија и недостигаа головите од игра, бидејќи до 40-та минута имаше само пет погодоци од игра.
Избраничките на Сенстад умешно ги казнуваа грешките на Македонија, на дваесетина минути пред финишот имаа солидна предност од плус осум, 19:11, а во 45-та минута дојдоа до двоцифрена предност од 21:11. По предноста на Полска од 22:12, Македонија ја зацврсти одбраната, ја искористи опуштеноста на противничките ракометарки, врза дури шест гола во низа и намали на 22:18, со овој резултат заврши и натпреварот.
Најефикасна во редовите на Македонија беше Сара Ристовска со девет погодоци, а Петковска и Мицевска искомбинираа осум одбрани.