Пет промени кај дамите – камбек на Јанеска и Ризоска, деби за две интернационалки!

Селекторот на женската репрезентација на Македонија, Кристијан Грчевски, објави список за ЕХФ неделата во која ќе бидат одиграни две пријателски средби против Србија.

Како дел од подготовките за бараж двомечот со Полска за пласман на СП 2025, Македонија ќе има два силни тестови, а Грчевски направи неколку промени во однос на онаа селекција што играше на ЕП 2024.

Ги нема искусните Јована Саздовска и Елена Ѓорѓиевска, кои ги завршија репрезентативните кариери, а Грчевски за оваа акција нема да смета ниту на Бојана Диневска, Сара Стефаноска, Теодора Дукоска и Нена Нестороска.

На нивните места на списокот на Грчевски се најдоа Пена Граматова, Моника Јанеска Килдан, Габриела Величковска, Емилијана Ризоска и Лора Кузманоски.

Искусната Јанеска Килдан, како и Ризоска и Величковска, имаат камбек во националниот тим, додека дебитантки ќе бидат некогашната кадетска и младинска репрезентативка, Пена Граматова, која по настапите за Металург и Куманово, беше дел од словенечкиот Целје, а сега игра за српскиот второлигаш Војводина, како и Лора Кузманоски.

Кузманоски, која одамна настапува во Франција, своевремено во 2019 година беше во плановите на Јулијана Дамчевска за настап на младински ЕХФ шампионат, но десното крило не заигра за Македонија.

Сега ракометарката на францускиот третолигаш Шатенеф ќе добие шанса да ги покаже своите квалитети на десната крилна позиција.

Натпреварите против Србија ќе се играат во градот Бор на 7 и 8 март.

Грчевски објави список: Македонија почнува ера без Саздовска и Ѓорѓиевска!