Тимот на Борец ФЛ го формира ростерот со кој ќе се обиде да обезбеди опстанок во елитната конкуренција.
По хрватскиот лев бек Бариша Цвитановиќ, бразилскиот пивот Пабло Антунес и бразилскиот десен бек Габриел Гуедеш, донесоа и четврто странско засилување. Станува збор за српскиот голман Александар Ѓурѓевиќ, некогашен младински репрезентативец на северниот сосед.
Ѓурѓевиќ во 2015 пристигна во академијата на Веспрем, а за првиот тим дебитираше во 2018 година кога на неколку меча го менуваше Арпад Штербик, а беше пријавен и во Лигата на шампионите две сезони.
Потоа три сезони го бранеше голот на унгарскиот Комло, една сезона беше дел од норвешкиот Фјелхамер, а од 2022 до 2024 настапуваше за францускиот второлигаш Валанс.
Велешани покрај четворица странци, во претходниот период беа активни на трансфер пазарот и во своите редови ги донесоа и Македонците Синиша Павлов (Вјоса), Бобан Петров (Котбус) и Марио Миланов (Голден Арт).
Во меѓусезоната ги загубија триото лидери од есенскиот дел од сезоната – Ивица Илиев и Славјан Паунов, кои заминаа во Радовиш, како и Тоше Ончев, кој се пресели во шпанскиот Новас.