Иако делува нереално, сепак постојат теоретски шанси Македонија да игра во четвртфиналето на Мундијалот во Хрватска, Данска и Норвешка. Но за тоа да се случи треба да се исполнат три услови – најважниот секако Македонија да приреди сензација против фаворитот Франција.
Французите се безбедни на првото место со осум бода и сигурни четвртфиналисти, па дуелот со Македонија нема да им биде важен.
Вториот услов што треба да биде исполнет е Унгарија да загуби од последнопласираниот Катар, кој не може да напредува, или пак да одиграат реми, но тоа да биде малку голови. Унгарија (122:122) и Македонија (127:127) имаат гол разлика 0.
Третиот услов е Австрија да ја победи Холандија со било која разлика, или пак овој натпревар да заврши реми.
Во тој случај Франција би била прва со осум бодови, Македонија и Унгарија би имале по шест, но Македонија би била втора поради подобра гол-разлика, а Австрија би завршила на четвртото место со пет бодови.
Во пладневниот термин од 15:30 часот ќе играат Холандија и Австрија, потоа од 18:00 часот ќе се соочат Унгарија и Катар, додека Македонија и Франција играат последни од 20:30 часот, па многу ќе се знае дали Македонија ќе може да се надева на место во ТОП 8.